Компаниите имаат помалку од еден месец за да научат како да не доцнат со меѓусебните плаќања. На 1 мај почнува да се применува Законот за финансиска дисциплина според кој фирмите треба да си ги намират меѓусебните обврски во рок од 60 дена, а само ако се договорат, најдоцна за 120 дена. Истите правила важат и за и државните претпријатија и органи, кои им се должници на приватни фирми. Казните за непочитување на новите правила се високи и се движат од 3.000 денари за минималните доцнења, па до 5.000 евра. За разлика од Законот за задолжница кој се применува на доброволна база, роковите за плаќање набележани во Законот за финансиска дисциплина се задолжителни за сите, па се очекува преку неговата примена македонското стопанство да излезе од дведеценискиот маѓепсан круг во кој секој секому должи.
Компаниите имаат помалку од еден месец за да научат како да не доцнат со меѓусебните плаќања. На 1 мај почнува да се применува Законот за финансиска дисциплина според кој фирмите треба да си ги намират меѓусебните обврски во рок од 60 дена, а само ако се договорат, најдоцна за 120 дена.
Истите правила важат и за и државните претпријатија и органи, кои им се должници на приватни фирми. Казните за непочитување на новите правила се високи и се движат од 3.000 денари за минималните доцнења, па до 5.000 евра.
За разлика од Законот за задолжница кој се применува на доброволна база, роковите за плаќање набележани во Законот за финансиска дисциплина се задолжителни за сите, па се очекува преку неговата примена македонското стопанство да излезе од дведеценискиот маѓепсан круг во кој секој секому должи. Се проценува дека внатрешниот долг, кој е резултат на финансиската недисциплина, како на приватните, така и на државните субјекти се мери со милијарди евра. Од тие причини, бизнис заедницата оценува дека ваков закон бил потребен и преку коморските здруженија се подготвува полесно да се прилагоди на новите правила на игра. Како што информира Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори (ССК), тие веќе организирале пет-шест обуки за своите членки, како подготовка за примена на законот.
- Ние многу се надеваме дека ќе профункционира, зашто неликвидноста е еден од најголемите проблеми во македонската економија. Така како што е конципиран, Законот предвидува многу строги, драконски казни. Но, прв пат во историјата Владата носи закон со кој ги дисциплинира и своите органи за да плаќаат на време. Тие се големи клиенти на стопанството и ако се дисциплинираат, како и стопанството, значително ќе се подобри ликвидноста - вели Чекреџи, кој носењето на ваков закон го оценува како голема реформа на која се чекало цели 20 години, па затоа е голем оптимист дека ќе даде резултати.
Тој објаснува дека долговите се како врзивно коло во кое секој секому должи и мора да се разврзе. Во првиот период некои од фирмите ќе мора да се кредитираат извесно време, зашто законот не важи за старите долгови, но предвидено е долговите да се плаќаат историски, прво најстариот. По извесно време ќе се организираат и ќе нема проблеми.
- Првите критични периоди се први јули, кога истекува првиот период од 60 дена за плаќање и 1 септември, кога истекуваат вторите 60 дена. Овие два периода може да ги погодат фирмите Но, Владата им даде налог на своите инспекциски служби да казнуваат дури по Нова година. Така, 2014 година ќе биде период кога фирмите ќе треба да се престројат и понатаму да бидат дисциплинирани - смета Чекреџи.
Според него, долгови имаат и добростоечките фирми, зашто и ним некој им должи. Бенефитот од овој Закон ќе се види до крајот на годината, кога се очекува да резултира со подобрување на ликвидноста. Некои од фирмите се дисциплинирани, како на пример тие од малопродажбата, зашто од нив не може да се земе ништо без да се плати, а престројување им претстои на големопродажбата и на услугите, како и на јавните служби.
- Се проценува дека 50% од плаќањето на приватните фирми го прави државата. Затоа, таа не треба да биде попустлива кон своите органи. Предвидено е тие да не бидат казнувани, но казни има за нивните старешини - објаснува Чекреџи.
Големи меѓусебни плаќања, а и побарувања од државата која се јавува како инвеститор имаат градежните фирми. Никола Велковски, претседател на Групацијата за градежништво при Стопанската комора на Македонија вели дека во многу скоро време ќе се одржи состанок на членките на кој ќе се разговара примената на Законот за финансиска дисциплина и тогаш ќе се знае колку компаниите се подготвени за неговата примена. Тој смета дека задолжницата, која беше доброволна не покажала големи ефекти, а новиот закон е една од заложбите на стопанствениците и ќе помогне полесно да се раздолжат меѓу себе, а и државата да ги исполни обврските кон нив кога се јавува како инвеститор. Велковски вели дека градежните компании кои членуваат во Групацијата навреме ќе се подготват за примената на Законот, а она што им боде очи се драконските казни за непочитување на роковите за плаќање.
Во Македонија прв пат е донесен закон со кој се уредуваат роковите во кои јавните субјекти треба да им платат на приватните фирми. Решенија како во македонскиот закон се применуваат и во Србија и во Хрватска. Во ЕУ прашањето на долгувањата, кое сега е изразено поради кризата, се решава со директиви, а тие се пренесени и во нашиот закон. Задоцнетите плаќања во ЕУ се причина за еден од четири банкроти, за 450.000 изгубени работни места и за загуба на 2,4% од бруто домашниот производ на Унијата.